Писмо со сочувство по повод терористичките напади во Шри Ланка
|
Понеделник, 22 Април 2019
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Шри Ланка, упати писмо со сочувство до г. Палеват Гамаралалаге Маитрипала Јапа Сирисена, Претседател на Демократската Социјалистичка Република Шри Ланка.
Почитуван господине Претседател,
Со огорченост ја примив веста за грозоморните терористички напади што се случија во Коломбо. Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство. Ја користам оваа прилика да Ве поддржам и охрабрам во истрајноста и решителноста во борбата со тероризмот, насилството и злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани.
Република Македонија најостро ги осудува ваквите подли акти на насилство врз невини луѓе и врз достоинството на различноста. Ваквиот ужасен настан е потсетување дека мораме да вложуваме напори за спречување на сите форми на насилен екстремизам, и да не дозволиме нашите споделени човечки вредности, како што се почитувањето на достоинството на различноста и слободата на совеста, мислата и верувањето да бидат мета на тероризмот, стравот и омразата.
Ве молам, изразите на длабоко сочувство и нашата солидарност да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.
д-р Ѓорге Иванов
|