На 5 јуни да ја потврдиме нашата демократска зрелост и нашата приврзаност кон евроатлантските вредности - порака на Претседателот Иванов до граѓаните на РМ
Петок, 03 Јуни 2011   

altПо повод претстојните парламентарни избори кои што ќе се одржат во недела 05.06.2011година, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја упати следната порака до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Во годината кога славиме две децении од независноста и една деценија од Охридскиот рамковен договор, во годината кога очекуваме продолжување на европските и евроатлантските интеграции, моите очекувања и мојот апел до сите вас, е во недела, на 5 јуни, уште еднаш да ја потврдиме нашата демократска зрелост, да ја потврдиме нашата приврзаност кон евроатлантските вредности, да ја прославиме демократијата.

Во недела, граѓаните треба да го дадат својот глас за оние што во следните четири години ќе ги претставуваат во Собранието на Република Македонија. Оние кои во Ваше име, ќе треба да носат одлуки за тоа што Македонија ќе треба да го оствари, односно за што поскоро остварување на нашите стратешки цели. Во недела сета моќ е во вашите раце. Тоа е Ваш ден. Вие одлучувате.

Апелирам тоа да го направите на достоинствен начин, во слободна и демократска атмосфера. Докажавме во многу наврати во овие две децении дека сме рамо до рамо со сите напредни демократии. Денес, за мене е неприфатливо ништо помалку од фер, демократски, слободни и чесни избори.

Никој во нашата земја нема право воден од тесни интереси да ги стави во залог интересите на граѓаните, на државата. Секој оној што ќе се осмели да ги наруши изборните правила, секој оној што на кој било начин ќе ги загрози интересите и перспективите на граѓаните и државата, ќе се соочи со најсилна можна институционална и општествена реакција.

  Back<<Назад