Писмо до Претседателот на САД, Барак Обама
Вторник, 03 Мај 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов испрати писмо до Претседателот на Соединетите Американски Држави г-дин Барак Обама. Интегралниот текст на писмото следува во продолжение:
 
Почитуван господин Претседател,
 
Со големо олеснување ја примив веста за акцијата на Соединетите Американски Држави која резултираше со отстранување на заканата која сееше страв во светот, олицетворена во Осама бин Ладен. Не само Соединетите Држави, туку и целиот свет, ќе биде посигурен и побезбеден како резултат на Вашите акции.
          
Целиот свет се сеќава на подмолниот напад од 11 септември 2001 година, но и многу други напади насочени кон недолжни цивили, вклучувајќи и жени и деца. Овие напади нè потсетија дека злото, за кое нема никакви оправдувања и објаснувања, сè уште постои на овој свет и дека должност на целото човештво е ова зло да се искорени.
 
Затоа, особено важно е да ги победиме повиците кон верска омраза и нетрпеливост – со аргументи кога е можно, со сила кога е неопходно. Оттаму, Република Македонија ќе продолжи да дејствува како посветен член на коалицијата на слободољубиви држави, предводена од Соединетите Американски Држави, во напорите за ширење на слободата и демократијата во светот и за отстранување на заканите кои произлегуваат од тероризмот.
          
Соединетите Американски Држави, како и многупати во минатото, остануваат водечка инспирација и заштитник на слободољубивите народи низ светот, независно од верата, расата и етничката припадност. Во ваквата Ваша улога, Ве уверувам дека ја имате поддршката и партнерството на Република Македонија.
          
Ве молам, примете ги изразите на мојата највисока почит.

д-р Ѓорге Иванов
 

  Back<<Назад