Средба на претседателот Иванов со г-ѓа Хелен Кларк, Генерален потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП)
Петок, 24 Март 2017   

undpПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-ѓа Хелен Кларк, Генерален потсекретар на Обединетите нации и Администратор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

На средбата беше разговарано за севкупната соработка меѓу Република Македонија и УНДП и за реализацијата на тековните и идните проекти и иницијативи.

Претседателот Иванов изрази очекување дека со потпишувањето на новата рамка за развојна соработка на Обединетите нации „Партнерство за одржлив развој: Стратегија на ОН за Република Македонија 2016-2020", ќе се овозможи поголема кохерентност во работата на агенциите на Обединетите нации во земјата и поефикасно користење на нивните екпертизи, искуства и ресурси.

„Очекуваме зголемена транспарентност и отчетност околу планирањето на идните активности на Обединетите нации во Република Македонија, како и јакнење на партнерството со националните институции, истакна на средбата претседателот Иванов, посочувајќи дека е потребен поголем ангажман на нашите претставници во заедничките работни групи за следење и известување за резултатите од имплементација на проектите и активностите поддржани од УНДП и Обединетите Нации.

Г-ѓа Хелен Кларк одаде признание за начинот на кој Република Македонија се справува со бегласката и мигрантската криза и исткана дека поддршката и соработката со Република Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи со нови проекти.
На средбата беше поздравено активното учество на Република Македонија во усвојувањето на Целите за одржлив развој на ООН согласно Агендата 2030, и активностите кои се преземаат за нивна имплементација.

Македонскиот претседател изрази задоволство што приоритетните активности за работата на УНДП во Република Македонија за периодот 2016-2020 произлегуваат од приоритетите на Владата на Република Македонија и претставуваат продолжување на активностите со цел обезбедување поддршка за вработување, јакнење на услугите на локално ниво, социјална инклузија и одржливост на животната средина.

Претседателот Иванов се заблагодари за ангажманот и иницијативите на УНДП во Република Македонија, како и за успешната имплементација на проектот за заштита на Преспанското езеро.

Двајцата соговорници изразија очекување за продолжување на соработката во однос на заедничко дефинирање на стратешките приоритети, тековните активности, како и имплементација на постоечките проекти.

  Back<<Назад