Писмо со сочуство по повод смртта на поранешниот претседател на Република Куба, г. Фидел Кастро
Вторник, 29 Ноември 2016   

PRMportretПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот претседател на Република Куба, г. Фидел Кастро, испрати писмо со сочуство до г. Раул Кастро Руз, Претседател на Државниот Совет и на Советот на министри на Република Куба.

Ваша Екселенцијо,

Во име на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, со длабоко жалење, Ви ги упатувам изразите на најискрено сочувство по повод смртта на Вашиот брат, поранешниот претседател на Република Куба, господинот Фидел Кастро. Силно и длабоко сочувствуваме со Вашата загуба во овие тешки мигови.

Без оглед на контроверзиите поврзани со името на претседателот Фидел Кастро, едно е сигурно и јасно - неговата улога во поновата светска историја никој не може да ја негира и, уште позначајно, личноста и делото на претседателот Кастро е симбол на кубанската историја и борба за основање на слободна и независна Република Куба. Од тие причини, искрено би сакал да ја изразам нашата солидарност со пријателскиот народ на Република Куба, со кој нашата држава негува традиционални пријателски односи.

Ве молам, примете ги уште еднаш, Ваша Екселенцијо, изразите на моето најдлабоко сочувство, со молба истите да ги пренесете до другите членови на неговото најблиско семејство, како и до граѓаните на Република Куба.

Примете ги, Ваша Екселенцијо, и изразите на моето високо почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад