|
Писмо со сочуство по повод смртта на поранешниот претседател на Израел, г. Шимон Перес
|
|
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот претседател на Државата Израел, г. Шимон Перес, испрати писмо со сочуство до г. Реувен Ривлин, претседател на Државата Израел.
Почитуван господине Претседател,
Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот претседател на Државата Израел, господинот Шимон Перес. Во овој тажен миг за Вас и за целиот израелски народ, дозволете ми, во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија, да ги упатам изразите на длабоко и искрено сочувство.
Претседателот Перес беше голем борец за слобода и демократија, човек на мирот, брилијантен политичар и голем државник кој ќе остане запаметен како пример и ќе биде инспирација за новите генерации на политичари во Израел. Во време на ескалација на тензиите во исклучително сложениот регион на Блискиот Исток, тој, како глас на разумот и мирот, понуди благородна визија за мирен и стабилен регион. Неговата заложба за воспоставување на траен мир беше крунисана со Нобеловата награда за мир. Во регион оптоварен со минатото, тој беше човек насочен кон иднината. Во трајно сеќавање ќе ми останат и нашите срдечни средби и отворени разговори насочени кон градење на иднина за младите. Со Претседателот Перес ги продлабочивме односите меѓу двете пријателски држави.
Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до семејството на поранешниот претседател Перес.
д-р Ѓорге Иванов
|