Средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство
Четврток, 25 Август 2016   

MNRПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари работна средба со шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, во рамки на Амбасадорски совет што се одржува во Министерството за надворешни работи.

Оценувајќи дека Европа и светот се соочуваат со драстични промени, особено во контекст на мигрантската криза, кризата во Еврозоната, терористичките напади и Brexit, претседателот Иванов посочи на неопходноста Република Македонија да се прилагоди на ваквата сложена состојба, со цел зачувување и унапредување на државните интереси.

Претседателот Иванов рече дека мигрантската криза е најголемиот предизвик со кој земјата се соочила во последните 15 години, оценувајќи дека Република Македонија успешно се справи со првиот мигрантски бран и предупреди на втор, помасовен мигрантски бран од Африка.

„Со одговорниот пристап ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои правилно разбраа дека, помагајќи и на Македонија, си помагаат себеси", рече претседателот Иванов.

На средбата претседателот Иванов побара проактивност од шефовите на Дипломатско-конзуларните претставништва, изнаоѓање на нови начини на промоција на Република Македонија, зајакнување на постоечките и создавање на нови пријателства.

Во наредниот период, рече претседателот Иванов клучна задача ќе имаат амбасадорите на нашата држава во непосредното соседство и од нив очекувам удвојување на активностите за соработка.

„Ние во регионот мора меѓусебно максимално да соработуваме во сите сфери од заеднички интерес. На сите регионални собири инсистирам дека дојде време кога декларативноста во регионалните односи мора да ја испратиме во историјата. Неопходна е нова етапа со нови потреби за конкретни проекти во регионалната соработка. Подготвен сум да ги поддржам иницијативите што можат да придонесат кон градењето на добрососедски односи", рече претседателот Иванов. Следната 2017 година, рече претседателот Иванов, Македонија ќе биде домаќин на состанокот во рамки на Процесот Брдо-Бриони.

Осврнувајќи се на највисоките стратешки цели - членство во Европската унија и во НАТО, претседателот Иванов истакна дека „ако во Европската унија и НАТО нема можност и волја да се направи позитивен исчекор за Македонија, што би значело покана во Алијансата, и почеток на пристапните преговори, во такви околности не можеме да чекаме некој од надвор да ни помогне, и тогаш ние самите треба да ги отвориме 34-те поглавја, и ние самите да ги исполниме критериумите за членство во Унијата. Да ги зацврстуваме капацитетите на институциите, да го реформираме судството, образованието, да ја унапредуваме економијата. На тој начин, ќе ги отстраниме или минимизираме последиците од блокадите. Во такви околности очекувам зајакнување на билатералните односи и соработката со земјите членки и зголемен ангажман на нашата дипломатија" .

„Безбедносниот сектор во земјата покажа одговорност, професионалност и капацитет во соочувањето со предизвиците од мигрантската криза. Во наредниот период очекувам и ке се ангажирам во насока на зајакнувањето на капацитетите на нашата дипломатија. Неопходно е дипломатијата да ја дигнеме на едно повисоко ниво со цел соочување со актуелните предизвици, но и во насока на поддршка на реформските процеси и се она што не очекува на внатрешен план", порача претседателот Иванов пред амбасадорите.

Претседателот Иванов повика и на засилен ангажман во однос на подобрување на положбата на македонското национално малцинство во одредени земји. Истовремено, претседателот Иванов ја истакна и потребата за поголема заложба за обединување на дијаспората и надминување на проблемите со кои се соочуваат.

  Back<<Назад