Новоименуваните амбасадори на Судан, Виетнам и Индонезија ги предадоа акредитивните писма
Петок, 25 Март 2016   

SUDANПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Судан, на Социјалистичка Република Виетнам и на Република Индонезија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Судан со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Илхам Ибрахим Мохамед Ахмед, беше изразена волја за продлабочување на севкупните односи меѓу двете земји , како на билатерален така и на мултилатерален план.

"Верувам дека со Вашиот ангажман и професионално искуство, ќе придонесете кон изнаоѓање на нови форми за збогатување на билатералната соработка, која до овој период е незначителна и скромна" истакна претседателот Иванов.

VIETNAMНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Нгујен Ти Хонг Оан, претседателот Иванов изрази задоволство од воспоставените пријателски односи и соработката меѓу двете држави во сите области од заемен интерес, за што потврда е и официјалната посета на Република Македонија на потпретседателот на Виетнам, Н.Е. г-ѓа Нгујен Ти Доан, во декември 2014 година за време на која се потпишаа и два значајни договора кои придонесоа во воспоставувањето на солидна правна рамка за соработка на двете земји.

Новоименуваниот виетнамски амбасадор, г-ѓа Оан ја потврди заложбата на Виетнам за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на економијата, културата и образованието изразувајќи ја подготвеноста на нејзината земја за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.

На средбата со новиот амбасадор на Република Индонезија со седиште во Софија, Н.Е. г-ѓа Сри Астари Расџид, двајцата соговорници изразија задоволство од заемната желба за сестран развој на пријателските односи и за соработката во сите области од заемен интерес.

„Сакам да Ве уверам дека Република Македонија е подготвена за интензивирање на односите и соработката, и тоа не само на билатерален, туку и на мултилатерален план. Особено во системот на Обединетите нации и Алијансата на цивилизациите, каде нашите две држави можат да дадат голем придонес", порача претседателот Иванов.

Новоименуваниот индонезиски амбасадор, г-ѓа Расџид изрази уверување дека во блиска иднина меѓусебното разбирање и доверба ќе резултираат со разновидна соработка особено во областа на економијата, јакнењето на трговската размена и можностите за инвестиции, образованието, туризмот и културата.

INDONEZIJAПретседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

  Back<<Назад