|

Почитувани претставници на медиумите,
Со претседателот на Европскиот совет разговаравме за предизвиците од мигрантската, бегалската, безбедносната криза, но и за состојбата со евроинтеграцијата на Република Македонија.
Сакам јасно да порачам дека единствениот начин, Македонија да го продолжи интегративниот процес и да се стави крај на континуираните политички кризи, кои во голема мера се резултат токму на статус-кво состојбите во интеграциите, е Македонија да ги почне преговорите со Унијата.
6 години ја имаме поддршката од Европскиот парламент, од Европската комисија. Но, проблемот, односно блокадата е во Европскиот Совет.
Во повеќе наврати разговарав со претходниот претседател на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпуј, и на сите средби барав поголема решителност, повизионерски и поодговорен пристап на Европскиот совет, кој 6 години не може да изнајде сила да се справи со една земја членка, која ги блокира пошироките интереси на Унијата, како и интересите на нашиот регион.
Истото денеска го побарав и од Претседателот Туск.
Сведоци сме на солидарноста на Европскиот совет на земјите-членки покажана во соочувањето со економската криза на нашиот јужен сосед, но од друга страна не видовме да се возврати солидарноста од нашиот сосед кон интересите на другите држави членки, кои го поддржуваа интегративниот процес на Република Македонија. Зарем требаше да дојдат кризи и предизвици за Европа, за да излезе на виделина цената од нерешителноста на Советот, од бавното темпо во интеграциите на балканските држави.

Затоа, г-дине Туск, ја цениме Вашата посета. Граѓаните на Република Македонија кои се веќе заморени од чекањето, од постојаните политички кризи, ваквото внимание го гледаат како задоцнето. Како и да е, барам од името на граѓаните, како претседател на Советот да се ангажирате во оваа насока, проширувањето да не го третирате како техничко прашање, да работите со земјите членки и да не дозволите Советот да ги повтори досегашните грешки.
Република Македонија стана школски пример, за тоа како не треба да се постапува со земја кандидат за членство во Европската унија.
Почитувани,
Оваа посета е од исклучителна важност и поради актуелните случувања и тешката состојба во која се наоѓа цела Европа.
Прво, поради кризниот менаџмент на ЕУ и на Македонија за справување со мигрантската криза.
Второ, поради постојаната и директна закана од терористички напади кои доаѓаат од радикалниот и насилниот екстремизам, со кои се соочивме и ние во месец мај оваа година, при кумановските настани.
Тогаш, спречивме извршување на координирани терористички напади низ повеќе градови во Македонија. И трето, поради блокадата на македонската европска интеграција, токму во Европскиот совет.
Справувањето и превенцијата со бегалската и мигрантската криза ги открија слабостите на ЕУ.
Македонија се наоѓа на Балканскиот коридор, и е првата држава во Европа која не е членка на Унијата, а која прогласи кризна состојба за закана од илегална миграција која доаѓа од територија на Унијата.
Македонија ги сноси последиците од:
а) нефункционален механизам на Унијата за распоредување на бегалците во земји-членки на Унијата со таканаречени квоти,
б) неспроведување на регистрација на бегалци и мигранти во земја членка на Унијата и
в) носење на еднострани национални одлуки во земји членки на Унијата кои го ограничија протокот на лицата без претходно да не информираат
Од почетокот на јануари оваа година до сега низ Македонија транзитирале половина милион бегалци и мигранти.
И покрај ветувањата, Македонија нема добиено никаква финансиска и техничка помош од Европската Унија, во однос на мигрантската и бегалска криза.
Иако баравме од Унијата и опрема за регистрација на мигрантите и бегалците и опрема за надзор над државната граница, не добивме ништо.
Македонија ги троши сопствените буџетски средства за менаџирање на оваа криза. Само за потреби на безбедносните служби досега сме потрошиле повеќе од 10 милиони евра. Се соочуваме со недостиг од материјални, кадровски и технички капацитети, да одговориме на заканите и ризиците по националната безбедност.
Поминаа 28 дена од вонредниот самит во Брисел. На тој состанок предупредив дека нашите анализи и истражувања констатираат дека коридорот кој го отворија бегалците станува мигрантски коридор. Учествувавме со интервенции на текстот со цел да добиеме права за да одговориме на обврските кои ни се наметнуваат од Унијата.
Баравме размена на податоци, заедничко оперативно работење, заеднички интервентни тимови на делот на заедничката граница со Унијата каде имаме проток и контролни пунктови за регистрација.
Баравме пристап до базите на институциите на Унијата за соработка за институциите кои ги спроведуваат законите, за листите со членови на ИСИЛ и други терористички мрежи, за фалсификувани документи и пасоши.
Баравме и ќе бараме пристап заради безбедноста на нашите граѓани и за одбрана на нашата територија. Баравме и ќе бараме пристап заради Европската безбедност.
Сега имаме нова реалност. Земјите од Унијата донесоа одлука да го ограничат протокот на бегалци и извршија категоризација на таканаречени "економски мигранти". Контролниот пункт кај Гевгелија станува "тесно грло" за влез на мигранти и бегалци. Се зголемуваат безбедносните ризици.
Ризикот од можен конфликт меѓу бегалците и мигрантите, меѓу мигрантите со Полицијата и Армијата, но и мигрантите со домашното население е оценет како висок.
Во овие 24 часа 1000 мигранти блокираа 3000 бегалци да влезат на контролниот пункт на граничниот камен 59. Исто така, веќе неколку дена е блокиран железничкиот транспортен и меѓународниот железнички сообраќај.
Очекуваме повеќе инциденти на државната граница поради зголеменото користење на илегални патишта од страна на мигрантите или бегалците кои нема да се пропуштаат, односно кои сакаат да избегнат регистрација.
Се уште нема распоредено мисија на Фронтекс на надворешната граница на Унијата од Грчката територија за да прави излезни проверки на нерегистрираните лица и да ги споделува информациите со нас.. Тоа беше македонското барање од состанокот во Брисел. За 28 дена имаме во просек проток и влез на 5.200 лица во Македонија или вкупно 145.600 лица од кои 40% се "економски мигранти".
Балканскиот коридор започнува во земја членка на Унијата и оттаму се уште продолжува приливот на мигранти, кои ниту целосно се регистрираат, а со нас не се разменуваат податоци за ризиците и опасностите кои доаѓаат во протокот на мигранти.
Француското обвинителство веќе потврди дека Балканскиот коридор е искористен за влез на неколку извршители на терористичките напади во Париз.
Го информирав Претседателот Туск за нашите заклучоци од Советот за безбедност.Ние дејствувавме и ќе дејствуваме проактивно а не реактивно. Оставивме можност за примена на мерки во крајна нужда. Армијата е овластена да ги превземе мерките.
Мерките и активностите со кои согласно пропишана постапка во закон со прогласена кризна состојба, вклучувајќи и поставување бариери за насочување на бегалци и мигранти на едниствениот контролен пункт за регистрација на нашата јужна граница. Временските услови веќе влијаат врз протокот на мигранти и бегалци.
Република Македонија, на состанокот во Брисел декларираше капацитети од 2000 лица во нашите привремени транзитни центри.
Секое зголемување на овие бројки ќе значи зголемување на постојаните и директни закани и ризици, во и кон Македонија. Ќе се соочиме со активности насочени кон загрозување на националната безбедност на Македонија.
Уште еднаш го реафирмирав нашиот став дека Македонија ќе постапи согласно мерките кои ќе ги преземат земјите-членки на ЕУ и државите кои се дел од балканскиот коридор.
Европа е под постојана и директна закана од терористички напади. Терористичкиот напад во Париз е основа за промени во безбедносните политики. Унијата како и со мигрантската криза не смее повторно да реагира реактивно.
Унијата мора да се менува со цел да ја обезбеди сигурноста на граѓаните и да ги заштити своите надворешни и внатрешни граници.
Балканот, и Македонија се дел од Европа. Балканот и Македонија мора да се интегрирааат во безбедносната архитектура на Унијата. Балканот е портата и коридорот кон Унијата. Портата мора да се заштити.Коридорот мора да се обезбеди.Време е за промени.И тоа брзи промени.Времето истекува.
Бегалската и мигрантската криза се покажаа како стрес тест за многу работи во однос на функционирањето на Унијата, но истовремено покажаа дека доколку Балканот беше навреме интегриран во ЕУ, справувањето и превенцијата со бегалската и мигрантска криза ќе беше проактивно и шенген-гранциите ќе беа заштитени.
Сметам дека бегалската и мигрантска криза, како и терористичките напади во Париз, се докази кои сведочат колку ни е неопходна интеграцијата, регионалната соработка и размената на податоци во сферата на безбедноста, разузнавањето и антитероризмот.
Досегашниот пристап на Европската унија кон Република Македонија за жал не даде резултати. Напротив, имаше поинакво влијание на политичкиот амбиент во земјата.
Затоа, уште еднаш барам да заврши блокадата на евроинтеграцискиот процес и Република Македонија да го добие заслуженото, членство во ЕУ.
Ви благодарам.

|