Честитка до г. Анджеј Дуда по повод изборот на функцијата Претседател на Република Полска
Среда, 27 Мај 2015   

DudaПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Република Полска, упати честитка до г. Анджеј Дуда, Избран претседател на Република Полска.

Ваша Екселенцијо,

Ми претставува чест и задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Република Полска. Ви посакувам многу успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Ваша Екселенцијо ја користам и оваа пригода да го изразам своето задоволство од фактот дека во изминативе две децении успеавме да изградиме искрени и цврсти пријателски односи меѓу нашите две земји. Убеден сум дека билатералните односи и соработката ќе продолжат успешно да се развиваат, во духот на меѓусебното разбирање и почитување. На тој план сакам да знаете дека Република Македонија и јас лично сме целосно подготвени, и се надевам дека наскоро ќе имаме можност и лично да размениме мислења за продлабочување на односите и на соработката меѓу нашите две држави.

Искрено се надевам дека Република Полска, како докажан пријател на Република Македонија, ќе продолжи да ги поддржува нејзините заложби и напори за интегрирање во Европската унија и во НАТО.

Со најискрени желби за Вашата натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад