Учество на состанокот на шефови на држави или влади на Самитот на НАТО во Лисабон
Четврток, 18 Ноември 2010   


На 19 и 20 ноември, во Лисабон ќе се одржи Самитот на шефови на држави и влади на членките на НАТО. Во рамки на Самитот ќе бидат одржани и состаноците на шефовите на држави или влади на земјите контрибутори во ИСАФ, како и Советот НАТО - Русија.
Делегацијата на Република Македонија, предводена од Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, во чиј состав ќе бидат МНР Милошоски и МО Коњановски, на 20 ноември ќе учествува на состанокот на шефовите на држави и влади за земјите контрибутори во мисијата на Алијансата во Авганистан.
На состанокот се очекува да бидат дискутирани заложбите на сојузниците и партнерите на НАТО за обезбедување на дополнителни ресурси за потребите на мисијата на ИСАФ, транзицијата на безбедносните овластувања на авганистанските власти и градењето долгорочно стратешко партнерство помеѓу НАТО и авганистанската Влада. Исто така, се очекува ИСАФ контрибуторите да усвојат Декларација за Авганистан која ќе го нотира постигнатиот напредок и идните ангажмани. На состанокот на шефовите на држави и влади за земјите контрибутори во мисијата на Алијансата во Авганистан ќе се обрати претседателот Иванов. Како воведничари на состанокот, покрај највисоките претставници на НАТО, се најавени и претседателот на Авганистан Х. Карзаи, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, претседателот на ЕУ Х. В. Ромпуј, претседателот на Европската комисија Е. Баросо, претседателот на Светската банка Р. Зелик и јапонскиот премиер Н. Кан.
На состанокот на земјите-членки Самитот на НАТО на 19 ноември, треба да биде усвоен новиот Стратешки концепт на Алијансата, како и да бидат донесени одлуки во врска со внатрешните реформи на НАТО и ракетната одбрана.
Акцентот на состанокот на Советот НАТО – Русија се планира да биде ставен врз прашања врзани со соработката на НАТО и Руската Федерација во контекст на ИСАФ и Авганистан, како и можната соработка во справувањето со современите безбедносни предизвици соработка и ракетната одбрана.
За време на Самитот, во рамките на претседавањето на Република Македонија со Јадранската Повелба, се очекува да биде одржана средба на Шефовите на делегации на А5 земјите - Република Македонија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

  Back<<Назад