|
Средба со г. Дидие Рејндерс, заменик премиер и министер за надворешни работи на Кралството Белгија
|
|
Понеделник, 06 Април 2015
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Дидие Рејндерс, заменик премиер и министер за надворешни работи на Кралството Белгија.
Двајцата соговорници разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Кралството Белгија. Заедничка констатација е дека односите и соработката меѓу двете земји имаат позитивна развојна динамика, а особено задоволство беше истакнато од фактот што трговската размена меѓу двете земји е во континуиран пораст.
Македонскиот претседател ја поздрави и соработката во другите области, особено во областа на одбраната, здравството, внатрешните работи, труд и социјална политика, животната средина.
На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во Република Македонија, како и за состојбите и очекувањата во врска со членството на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Претседателот Иванов истакна дека членството во Европската унија и во НАТО останува највисок приоритет за Република Македонија, за што земјата посветено ги исполнува преземените обврски.
„Поради предолгата статус-кво состојба во интеграциите, Република Македонија се соочува со сериозни предизвици кои создаваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи", рече претседателот Иванов на средбата, истакнувајќи дека позитивните примери на паралелно движење на преговорите за членство и надминувањето на билатералните разлики, треба да се примени и во случајот на Република Македонија.
На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот и актуелните случувања на меѓународен план.
|