СООПШТЕНИЕ
Среда, 27 Октомври 2010   


Почитувани,

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер а во врска со јавно изнесеното барање на Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија г. Бранко Црвенковски и интересот на медиумите за добивање прецизни информации за ангажманот на консултантите од Република Словенија од страна на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во време кога г. Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата,  информираме дека по досегашната проверка на документацијата која постои во архивата на Кабинетот е утврдена следната фактичка состојба:

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија во време кога г. Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата, има склучено договори за соработка, обезбедување на развој и истражување со 3 лица од Република Словенија кои се предмет на актуелниот интерес во јавноста.

Договорите во име на Кабинетот на претседателот на Република Македонија кога г. Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата, се потпишани од страна на тогашниот Генерален секретар на Кабинетот.

Согласно постоечките договори за ангажманот на консултантите од Р. Словенија, од буџетот на Претседателот на Република Македонија се исплатени финансиски средства во висина од  20.764.057 (дваесет милиони седумстотини шеесет и четири илјади и педесет и седум) денари , односно вкупна сума од 340.394 (триста четириесет илјади и триста деведесет и четири) евра, пресметано согласно средниот курс на Народната банка на Република Македонија.

На првиот консултант од Република Словенија му се исплатени 8.305.626 (осум милиони триста и пет илјади шестотини дваесет и шест) денари, односно 136.157 (сто и триесет и шест илјади и сто педесет и седум) евра.

На вториот консултант од Република Словенија му се исплатени 5.149.482 (пет милиони сто четириесет и девет илјади четиристотини осумдесет и два) денари, односно 84.417 (осумдесет и четири илјади и четиристотини и седумнаесет) евра.

На третиот консултант од Република Словенија му се исплатени 7.308.949 (седум милиони триста и осум илјади деветстотини четириесет и девет) денари, односно 119.818 (сто и деветнаесет илјади осумстотини осумнаесет) евра.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија се надева дека со објавување на податоците со кои располага ќе придонесе за разјаснување на прашањата кои овие денови се предмет на интерес на јавноста.

  Back<<Назад