Честитка до г. Серџо Матарела по повод изборот на функцијата Претседател на Италијанската Република
Понеделник, 02 Февруари 2015   

sergio-mattarella1Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Италијанската Република, упати честитка до г. Серџо Матарела, Избран претседател на Италијанската Република.

Ваша Екселенцијо,

Mи причинува особена чест и задоволство да Ви го честитам изборот на функцијата Претседател на Италијанската Република и да Ви упатам најискрени желби за успешно извршување на оваа одговорна функција.

Дозволете ми, во оваа пригода да искажам особено задоволство од достигнатото ниво и континуираниот позитивен тренд во односите и соработката меѓу Република Македонија и Италијанската Република. Исто така сакам да ја изразам целосната подготвеност да ја продолжиме практиката што ја имавме со Вашиот ценет претходник на редовни средби и отворен политички дијалог. На тој начин ќе дадеме придонес за натамошно унапредување на односите и збогатување на соработката во сите сфери од заемен интерес, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Ваша Екселенцијо, за Република Македонија од особено значење e Италијанската поддршка на нашите цели, членството во НАТО и Европската унија. Улогата на Италија како искрен поддржувач на перспективите за евроатланска интеграција на мојата земја, како и досега, и во иднина за нас ќе биде од стратегиско значење.

Честитајќи Ви го уште еднаш Вашиот избор, Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ги примете изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад