Средба со претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Патрик де Роусиерс
Петок, 21 Ноември 2014   

ROUSIERS_1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседавачот на Воениот комитет на Европската Унија, генерал Патрик де Роусиерс.

На средбата беа разменети мислења и информации во однос на македонските евроатлантски интеграции, учеството на АРМ во борбените групи предводени од Европската Унија, како и за унапредувањето на натамошната соработка на Република Македонија во рамки на Заедничката надворешна и безбедносна политика и Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата.

Претседателот Иванов, истакна дека Република Македонија е целосно посветена на членството во Европската Унија и НАТО, и додаде дека нашата држава дава значаен придонес на мирот, безбедноста и стабилноста како во нашиот регион, така и надвор од него. Македонскиот претседател во тој контекст го потенцираше учеството на АРМ во мировните мисии на ЕУ и НАТО, и порача дека нашата поддршка ќе продолжи и во иднина.

Генералот Роусиерс изрази благодарност за придонесот и активното учество на АРМ  во Европската безбедносна и одбранбена политика, потенцирајќи го учеството на припадниците на АРМ во рамките на мисијата на ЕУ „Алтеа“ во Босна и Херцеговина, и во борбените групи на ЕУ од 2012 и 2014 година. Притоа генералот Роусиерс ја истакна потребата од натамошно унапредување на соработка со Република Македонија, како дел од соработка помеѓу Европската Унија и земјите-партнери меѓу кои е и нашата држава.



  Back<<Назад