Честитка до генералниот секретар на ОН г. Бан Ки-мун, по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации
Петок, 24 Октомври 2014   

BanПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, упати писмо до генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации.

Почитуван господине Генерален секретар,

По повод 24 октомври, Денот на Обединетите Нации, дозволете ми во мое лично име и во име на граѓаните на Република Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки.
Ја користам оваа пригода да Ви изразам признание Вам и на Светската организација за ангажманите и напорите кои ги вложувате во справувањето со бројните предизвици со кои се соочува човештвото денес. Сакам и во оваа прилика да го нагласам она што го кажав на последното Генерално собрание дека "Во нашиот динамичен, хиперповрзан и променлив свет, едно нешто останува непроменето, а тоа е потребата за поголема предвидливост. Предвидливост од која зависи мирот, безбедноста и стабилноста, но и благосостојбата и напредокот на светот. Човештвото денес е исправено пред многу предизвици, но два предизвика го бараат нашето целосно внимание. Првиот предизвик ни доаѓа од поредокот на природата, а вториот од меѓународниот поредок. Коренот на првиот предизвик е во човековото занемарување на природните закони, додека вториот предизвик произлегува од непочитувањето на меѓународните закони."
Оттука, ја поздравувам Вашата посветена работа и заложбите за ефикасно функционирање на Светската организација. Особено значаен сегмент и клучна позиција во Вашата и наша работа имаат младите и нивната иднина, намалувањето на нееднаквоста и сиромаштијата, обезбедувањето на поздрав живот и благосостојба, ублажувањето на последиците од климатските промени, односно целосно спроведување на Милениумските развојни цели.
Но она што би сакал да го потенцирам во оваа прилика е нашата заедничка посветеност на младите. Затоа сакам да го поздравам настанот што го организира Резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Македонија за одбележување на овој ден, посветен токму на младите и на нивната визија за иднината, под наслов „Свет каков што сакаме во 2030 година".

Почитуван Генерален секретар,

Како што истакнав за време на нашата неодамнешна средба, сакам да Ве уверам дека во вршењето на Вашата исклучително значајна мисија, секогаш можете да сметате на мојата и од Република Македонија цврста и принципиелна поддршка.
Посакувајќи Ви уште многу натамошни успеси во вршењето на оваа одговорна функција, Ви ги упатувам господине Генерален секретар, изразите на моето највисоко почитување.
Нека ни е честит денот на Светската организација!

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад