Средба со г-ѓа Викторија Нуланд, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на САД
Понеделник, 14 Јули 2014   

nuland1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со г-ѓа Викторија Нуланд, помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави.

На средбата беа разменети мислења околу севкупниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски држави, како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.

Во насока на реализација на стратешките цели на Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека земјава останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори со Европската Унија и реализирање на поканата за членството во НАТО, и изрази очекување од американска поддршка и ангажман по однос на истите. "Евроатланските интеграции имаат голема кохезивна сила во нашето мултиетничко општество, и не случајно уживаат огромна политичка, етничка и социјална поддршка. Предолгиот статус кво во интеграциите не помагаат во унапредувањето на македонскиот модел на соживот, и од тој аспект за Република Македонија е исклучително значајна натамошна уште позасилена поддршка од Соединетите Американски Држави", истакна македонскиот претседател.

Република Македонија како и досега така и во наредниот период може да смета на силна поддршка од САД во реализацијата на поставените стратешки цели, истакна г-ѓа Нуланд, нагласувајќи ја подготвеноста за натамошна блиска соработка со лидерите на Република Македонија, и апелираше сите политички лидери во земјата да работат на натамошно јакнење на довербата.

На средбата со помошникот државен секретар на САД, беше потврден интересот на Република Македонија за интензивирање на стратешкото партнерство со САД и изразено очекување за натамошно продлабочување на севкупната билатералната соработка.
usa_4

  Back<<Назад