|
Честитка од претседателот Иванов до припадниците на Еврејската заедница по повод празникот Песах
|
|
|
Претседaтелот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот празник Песах, упати честитка до г-ѓа Берта Романо Николиќ, претседател на Еврејска заедница во Република Македонија, и до членовите и припадниците на Еврејската заедница во Република Македонија.
Почитувана г-ѓо Николиќ,
Ми претставува чест и задоволство на сите припадници на Еврејската заедница во нашата земја да ви упатам искрени честитки по повод одбележувањето на празникот Песах, денот кој ја прославува слободата на еврејскиот народ.
Празникот Песах го слави ослободувањето на Евреите од ропство. Гледајќи наназад и низ историјата слободата секогаш била водилка и идеал за нови предизвици и победи. Затоа не можам а да не ги споменам страдањата, саможртвите и искушенијата низ кои поминале припадниците на Еврејската заедница, но и победите кои биле порив за подобар живот и слобода.
Ваквите празници не потсетуваат на вредностите кои треба да ги негуваме, но и на почитувањето на религиските и културните посебности кои даваат придонес во севкупниот развој на Република Македонија. Еврејската заедница во земјава има особен придонес во градењето и почитувањето на општествените вредности. За нашата заемна и добра соработка сведочат и добрите пријателски односи кои Република Македонија го има со Државата Израел.
Честитајќи Ви го уште еднаш празникот на слободата и поклонението, примете ги моите желби за мир, духовен спокој и меѓусебна доверба и пријателство.
д-р Ѓорге Иванов
|