Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на Обуката за млади лидери во Охрид
Понеделник, 16 Август 2010   

Почитувани. Ми претставува голема чест и вистинско задоволство да ве поздравам овде, на брегот на Охридското езеро чии води ги заплискуваат некои од најзначајните македонски и европски духовни и културни центри. Езеро од кое со векови наназат ја црпиме инспирацијата за создавање на вистински и трајни вредности. Денес, токму на брегот на ова езеро, инспирирани од богатото наследство на светите Климент и Наум, на македонските преродбеници и творци, заедно ќе запловиме во теориските и практичните води на лидерството.
Велат „..општеството е како брод и во секое време треба да постојат луѓе кои ќе бидат подготвени да го преземат кормилото...“.
За идните кормилари да бидат подготвени да го преземат кормилото мора непрестано да се инвестира во нивниот развој и наобразба.
Патот кој води до индивидуалниот и колективниот успех не е нити краток нити пак лесен. За да се измине тој пат не е доволна само желбата за успех туку и јасна визија која како светилник го осветлува патот. Потребна е посветеност кон целта и чувство за одговорност кон себе и кон другите.
Но, таа лична посветеност и таа лична одговорност треба да бидат поткрепени и со колективна посветеност и одговорност за поддршка на најдобрите, на оние кои утре ќе ја предводат земјата. Општеството кое денес се грижи за своите млади лидери, утре ќе биде предводено од истите луѓе во кои инвестирало. На тој начин се создава и јакне двојството – одговорно општество со одговорни општествени лидери. А токму во тоа се состои и тајната на успешните општества. Затоа, особено ме радува фактот што оваа обука е производ на новиот дух на заедништво, на споделената, општествена одговорност кон младите лидери.
Почитувани. Досега сосема малку и ретко се инвестираше во нив. Често младите потенцијални лидери беа оставани сами да се снаоѓаат. Денес се врти нова страница. Државата и бизнисот треба да се партнери кои со заеднички напори создаваат вистинска вредност. Денес ги поставуваме основите на она што се надеваме дека ќе прерасне во регионален едукативен центар за едукација и тренинг на идните лидери.
Свесни сме дека иднината на општествената благосостојба во Република Македонија зависи од идните лидери, од нивните квалификации, вештини и знаења, но и од моралните вредности и интегритетот на личноста. Затоа, мисијата на Обуката за млади лидери е да Ви го предаде компасот, Вам, како генерација на идни лидери. Нашата мисија е преку високо квалитетна едукација да Ве подготви за спроведување и промовирање на вистинските вредности во политичко-економскиот живот како и справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска разноликост.
Почитувани. Некои мислат дека лидерството е уметност, други сметаат дека тоа е практика. Некои велат дека лидерот се раѓа, други пак дека се создава и гради. Независно од тоа кој е одговорот на оваа дилема, лидерството и учењето се нераздвојно поврзани меѓу себе. Не е доволно само да се знае. Знаењето мора да се примени, бидејќи само така ќе биде во функција на индивидуалниот успех кој ќе донесе колективен успех.
Базирана врз почитувањето на основните човечки вредности, визијата на Обуката за млади лидери е да ги интегрира модерните политички, научни и технолошки знаења и вештини, како теориски така и практично. Со овој проект правиме конкретен чекор за Ваше едуцирање, развивање на лидерската личност и лидерските вештини, креирање чувство на одговорност и реакција кон средината во којашто живеете и работите.
Ова најдобро се постигнува преку живата, непосредна врска меѓу докажаните лидери во своите области и младите општествени лидери.
Затоа, оваа обука е одлична можност за плодна размена на искуства и идеи меѓу сегашните и идните лидери. Обуката е поттик на оваа генерација да ја менторира и поддржи идната, да ги остави најдобрите решенија, да и овозможи да твори врз нејзиното богато искуство и да ги реализира своите стремежи.
Верувам дека оваа работилница ќе ги исполни нашите, но пред се Вашите очекувања. Дека ќе продолжи да препознава и прима квалифицирани, потенцијални лидери ориентирани кон предизвиците и изнаоѓањето иновативни решенија на проблемите. Дека и понатаму ќе ангажира професори и инструктори кои и самите се лидери во својата академската сфера или практична област. Дека ќе креира клима која е поволна за отворениот ум, клима која ќе овозможи ефективно учење и квалитетна надградба. Најпосле, верувам дека оваа обука ќе понуди модел на учење втемелен врз најновите истражувања и проучувања на настаните од политичката, економската и социолошката теорија и пракса.
Почитувани. Со користењето на едно од најголемите национални богатства на Македонија – бесконечната креативност на нејзините граѓани – квалитетна обука на нејзините млади лидери може да поттикне и обезбеди национален просперитет и меѓународна компетентност. Верувам дека оваа работилница ќе го овозможи токму тоа.
На крајот, сеќавајќи се на бесмртните зборови на Димитар Миладинов, кој кажа “Јас го посеав семето, а вие бидете живи да го ожнеете неговиот плод“, Вам, младите општествени лидери, Ви посакувам успешна академска и професионална жетва.

  Back<<Назад