|
Претседателот Иванов го честитка празникот Свети Сава на припадниците на српската заедница
|
|
Понеделник, 27 Јануари 2014
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.
Почитувани сограѓани,
Дозволете ми, во мое и во името на сите граѓани во Република Македонија, да ви го честитам големиот празник Свети Сава. Денешниот празник е посветен на една од најзначајните личности на српската историја и црква. Денот на свети Сава претставува еден од најзначајните верски и национални празници на српскиот народ, насекаде во светот. Српската, како и другите етнички заедници во Република Македонија, преку негување на традицијата и наследството од старите генерации гради цврсти односи на заемно почитување, разбирање и унапредување на општествениот и целокупниот развој на земјава. Одбележувањето на денот на свети Сава, српскиот светец, просветител и државник, значи прославување на неговата мисла и дело, но и почит кон припадниците на српската заедница во земјава, кои учествуваат во создавањето и во зајакнувањето на Република Македонија на економски и општествен план. Славејќи го денот на првиот српски aрхиепископ ја потврдуваме заедничката определба за соживот, меѓусебно разбирање и доверба. Во духот на неговото живеење и учење да ги потврдиме заложбите за негување и за почитување на заедничките вредности, да се обединиме во заедништво за да создадеме подобра иднина и поубав живот за сите наши граѓани. Ви посакувам добро расположение, среќа и благослов. За многу години празникот.
д-р Ѓорге Иванов
|