Писмо по повод 20–годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина
Сабота, 12 Октомври 2013   

kinaПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 20–годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина, упати писмо до претседателот на Народна Република Кина, Н.Е Си Џинпинг.

Почитуван господине Претседател,

По повод 20–годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две држави, дозволете ми, во име на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да изразам особено задоволство од достигнатото високо ниво на пријателство и соработка која успеавме да ја оствариме во изминатиот период.

Бевме сведоци на континуирано јакнење на традиционалното пријателство меѓу нашите држави и народи, како и на исклучително успешна и плодна соработка што несомнено отвора перспектива за натамошен развој на односите меѓу Народна Република Кина и Република Македонија. Сакам да знаете дека високо го цениме континуираниот конструктивен политички дијалог и целосно сме подготвени да продолжиме заедно да работиме за натамошно продлабочување на меѓусебната доверба, јакнење на пријателските чувства меѓу двете земји и народи, како и за збогатување на соработката со нови форми и содржини.

Имајќи го предвид докажаното пријателство на Народна Република Кина кон мојата земја, како и трајно определениот интерес на Република Македонија на односите со Вашата земја да посветува највисок приоритет, убеден сум дека со заеднички ангажман ќе продолжиме да даваме значаен придонес во таа насока. Ќе се согласите тоа претставува голема обврска за нас, обврска да го продолжиме патот на генерациите кои инвестирале во таквото пријателство меѓу двете земји.

Почитуван господине Претседател, на крајот, сакам уште еднаш да Ве уверам дека граѓаните на Република Македонија и јас лично високо ја цениме и секогаш ќе бидеме благодарни за принципиелната и континуирана поддршка и помош од Народна Република Кина.

Со такво уверување, Ве молам да ги примите изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад