Средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Жан Клод Мињон
Понеделник, 10 Јуни 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Жан Клод Мињон.

На средбата беше изразено задоволство од традиционално добрата соработка на Република Македонија со Советот на Европа. Двајцата соговорници разменија мислење за досегашниот ангажман на Република Македонија во работата на институциите на Советот на Европа, како и за учеството во реализацијата на иницијативи и проекти од долгорочен интерес за земјава и регионот.

Во контекст на надворешната политика, претседателот Иванов го реафирмираше ставот дека Република Македонија со несмалено темпо работи на исполнување на стратешките приоритети - членството во Европската Унија и НАТО. Македонскиот претседател изрази благодарност до Советот на Европа за досегашната поддршка и помош, која во голема мера помогна Република Македонија денес да биде држава која ги исполнува сите критериуми за членство во НАТО и е подготвена веднаш да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

На средбата, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа истакна дека целта на посетата е да биде изворно информиран и да размени мислења за актуелностите во Република Македонија во пресрет на разгледувањето на извештајот за Република Македонија. Воедно, тој истакна дека Советот на Европа и Парламентарното собрание и натаму ќе ја поддржуваат Република Македонија во реформските процеси и во напорите за целосна интеграција на земјата во ЕУ.

  Back<<Назад