Прием на претставници на Влашката заедница во Република Македонија по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите
Четврток, 23 Мај 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска, по повод 23 Мај – националниот ден на Власите, прими претставници на Влашката заедница во Република Македонија.

На средбата, гостите го информираа претседателот Иванов за состојбата со остварувањата на правата на Власите во Република Македонија, како и за досегашните, актуелните и планираните активности на влашката заедница, на полето на промовирање на влашкиот јазик, култура, историја и традиција.

Истакнувајќи дека Власите се уставно признати и општествено ценети, претседателот Иванов подвлече дека Република Македонија, како мултиетничка, мултијазична и мултирелигиска демократија ги обезбедува неопходните услови за зачувување и промовирање на влашкиот идентитет, и истите треба соодветно да се искористат.

Претставниците на Влашката заедница во Република Македонија, истакнаа дека Република Македонија преставува пример како треба да се гради мултикултурноста, мултиконфесионалноста и мултијазичноста, за подобра иднина на целиот регион.

  Back<<Назад