Новоименуваните амбасадори на Р. Ангола и ХК Јордан ги предадоа акредитивните писма
Вторник, 21 Мај 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Ангола за Република Македонија, Н.Е. г. Токо Дијакенга Серао и акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Хашемитското Кралство Јордан за Република Македонија, Н.Е. г. Амјад Одех Адаилех.

На двајцата новоименувани амбасадори, македонскиот претседател им честита за изборот и им посака успех во извршувањето на должноста.

На средбата со амбасадорот на Р. Ангола беше констатирано дека билатералните односи се недоволно развиени, при што беше изразена подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог, како и интерес за унапредување на соработката во повеќе области, пред сè на економски план.

„Ценам дека постојат и бројни области во кои можеме да ја зацврстиме соработката, за што е потребно почеста комуникација, испитување и запознавање со потенцијалите на двете земји, посветеност и искористување на истите", порача во поздравниот говор претседателот Иванов.

Новоименуваниот амбасадор на Република Ангола изрази надеж за отворен и плоден дијалог и се заложи за зацврстување на пријателските односи меѓу двете земји.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Хашемитското Кралство Јордан, двајцата соговорници ја посочија потребата од почести контакти на државно и владино ниво, како и потребата од продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена. Воедно, беше афирмиран и интересот за унапредување на соработката во науката, културата и образованието.

„За тоа е потребно да го интензивираме политичкиот дијалог и контактите на сите нивоа, да работиме на заемно претставување на потенцијалите за соработка, и да работиме на унапредување на правната рамка што ќе создаде основ за посакуваната соработка меѓу двете држави", истакна во обраќањето македонскиот претседател.

Посочувајќи дека Република Македонија е успешен пример за многу земји во развој, амбасадорот Адаилех истакна дека ќе вложи максимални напори за унапредување на билатералната соработка меѓу двете држави, особено во сферата на трговската размена и инвестициите, туризмот и културата.

На двете средби, соговорниците изразија подготвеност и за унапредување на пријателските односи во мултилатералната соработка.

  Back<<Назад