Честитка до претседателот на Европскиот совет Ван Ромпуј по повод 9 мај, Денот на Европа
Четврток, 09 Мај 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 9 мај, Денот на Европа, упати честитка до Н.Е. г. Херман Ван Ромпуј, Претседател на Европскиот совет.


Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особено задоволство, по повод 9 мај, Денот на Европа, во име на граѓаните на Република Македонија, како и во мое лично име, да Ве поздравам и да Ви упатам срдечни честитки и искрени желби за напредокот на Европската унија и нашиот заеднички дом - Европа.

Во оваа свечена пригода, верувам дека треба да се присетиме на приврзаноста на европското лидерство "кон принципите на слобода, демократија и почитување на човековите права и фундаменталните слободи и владеењето на правото". Во изминатите децении, овие принципи донесоа мир, надеж и единство на нашиот континент, на регионот на Југоисточна Европа и на Република Македонија и нејзиното мулти-етничко, мулти-религиско и мулти-јазично општество.

Ја користам оваа свечена пригода да ја искажам нашата благодарност за поддршката и насоките што Европската унија и ги даде на Република Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат. „Оваа Европа останува отворена за сите држави. Длабоко се надеваме дека други држави ќе ни се приклучат во нашиот заеднички напори," се вели во Декларацијата за Европа потпишана од татковците на Обединета Европа во 1951 година. Би сакал да Ве уверам дека, и покрај предизвиците со кои се соочуваме, македонските граѓани остануваат недвосмислено посветени на остварувањето на сонот за членство во напредното Европско семејство. Очекувам дека во наредниот период ќе можеме да ги започнеме преговорите за членство и дека за таа цел ќе ја имаме Вашата поддршка и поддршката од партнерите во Европската унија. Ве уверувам дека ние не сакаме привилегии, туку истите критериуми кои се применуваа за другите земји-членки на Унијата.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов


  Back<<Назад