|
Претседателот Иванов го поздрави Основачкото собрание на Ромската интерпарламентарна организација
|
|
|
Почитувани членови на Основачкото собрание,
Срдечно се заблагодарувам за поканата да присуствувам на ова значајно и прво Собрание на Ромската интерпарламентарна организација. Заради претходно превземени обврски нема да можам да учествувам на Собранието. Но, би сакал најтопло да ве поздравам и да ви посакам целосен успех на Собранието како и убави перспективи во дејствувањето на Интерпарламентарната организација.
Убеден сум дека оваа иницијатива значајно ќе придонесе за координираните напори и ефикасност во процесот на натамошна афирмација и еманципација на ромските заедници во регионот и во Европа и во постигнувањето на целосна рамноправност, развој, интеграција и просперитет на ромските заедници во сите држави во Југоисточна Европа. Верувам дека со тоа Ромите ќе го дадат својот достоен придонес и прилог во развојот на нашите економии, култури, демократии и човекови права како и граѓански слободи во нашите општества.
На средбата со Иницијативниот одбор на Собранието целосно ја поддржав идејата за неговото воспоставување и дејност. Во изминатите децении, Република Македонија значајно ја унапреди позицијата на Ромите на централно и локално ниво, и економски, и културно и социјално. Свесни сме дека пред нас има уште многу предизвици, задачи и цели. Заради тоа, ги потикнуваме претставниците на Ромите во Собранието на Република Македонија и останатите институции, на централно и локално ниво, да бидат што поактивни во сите иницијативи во таа насока.
Во рамките на Декадата за Ромите на Обединетите нации, многу е направено во Република Македонија. Но за нас тоа не е само Декада. Тоа е трајна определба. Ве молам уште еднаш, примете ги моите срдечни поздрави и најдобри желби.
д-р Ѓорге Иванов
|