|
Потврдени заложбите за унапредување на соработката меѓу Република Македонија и Државата Катар
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Државата Катар, Н.Е. Шеик Хамад бин Џасим бин Џабир Ал-тани, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
Во фокусот на разговорите беше досегашниот развој на билатералните односи меѓу двете земји, како и можностите за интензивирање на економската соработка.
На средбата, претседателот Иванов и катарскиот премиер изразија задоволство од континуираниот политичкиот дијалог меѓу двете земји и редовните средби на сите нивоа.
Македонскиот претседател ја поздрави првата посета на премиерот на Катар на Република Македонија. „Вашата посета во Скопје е потврда за воспоставеното пријателство меѓу двете земји. Искрено се надевам дека истата ќе биде продуктивна и ќе претставува силен сигнал и охрабрување за натамошно јакнење на соработката во повеќе сфери од заемен интерес", подвлече претседателот Иванов.
На средбата беа разменети мислења и информации за можностите за унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар, преку реализација на конкретни инвестициони проекти во неколку области. Претседателот Иванов ја посочи потребата од натамошно унапредување на правната рамка меѓу двете земји, при што го поздрави денешното потпишување на меморандумите за соработка меѓу стопанските комори и во областа на здравството.
Премиерот на Катар истакна дека постои искрена волја и можности во наредниот период да јакне соработката меѓу двете пријателски земји, особено во сферата на економијата. Во таа насока дополни дека неколку области и конкретни проекти за инвестирање се веќе предмет на анализа, со уверување дека одличните политички односи наскоро ќе резултираат и со конкретни проекти.
На средбата е изразено задоволство од отворањето на Амбасадата на Државата Катар во Скопје и очекување дека што поскоро ќе стапи на функција резидентниот Амбасадор на Државата Катар во Скопје.
|