Новоименуваниот амбасадор на Кралството Тајланд ги предаде акредитивните писма
Петок, 29 Март 2013   

Претседателот на Република Македонија, д- р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Кралството Тајланд за Република Македонија, Н.Е г. Ратахит Манатат.

На свеченото предавање на акредитивните писма, претседателот Иванов изрази задоволство од именувањето на прв нерезидентен амбасадор на Кралството Тајланд за Република Македонија и му посака успешно вршење на оваа високо ценета и одговорна функција.

На средбата, македонскиот претседател изрази подготвеност за натамошно унапредување и интензивирање на билатералните односи меѓу двете земји, кои ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање и изрази интерес за интензивирање и зајакнување на соработката со Тајланд на економски план.

„Во овој контекст, ја искажувам својата поддршка и на иницијативите за заокружување на правната рамка меѓу Република Македонија и Кралството Тајланд. Исто така сакам да искажам и подготвеност за соработка на мултилатерален план" , порача македонскиот претседател во поздравниот говор и истакна дека Република Македонија го цени гестот што дипломатските односи со Кралството Тајланд се воспоставени под уставното име на нашата земја.

Потенцирајќи дека му претставува чест што е прв амбасадор на Кралството Тајланд за Република Македонија, амбасадорот Мананат истакна дека ќе вложи напори за продлабочување на односите меѓу двете земји и двата народа и посочи дека Тајланд како држава која се наоѓа во срцето на Азија може да претставува мост за економска соработка на Република Македонија со земјите од тој дел на светот.

„Еден од најефективните начини за зајакнување на нашата економска соработка е преку склучување и реализирање на економски договори. Двете страни очекуваат нацрт-договорите за слободна трговија, за избегнување на двојно оданочување и спречување на фискална евазија, договорот за поттикнување и заштита на инвестиции и договорот за воздушен сообраќај, да бидат финализирани и да започне нивното применување што поскоро", истакна амбасадорот Мананат и пренесе поздрави од Кралот на Тајланд.

Двајцата соговорници го споделија ставот дека и покрај географската оддалеченост, постои заедничка желба и потенцијал за натамошно посеопфатно развивање и унапредување на меѓусебните односи и соработката во повеќе области, туризмот, културата, здравството, науката и индустријата.

  Back<<Назад