|
Проштална средба со египетската амбасадорка, г-ѓа Олафат Ахмед Фарах
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Арапската Република Египет за Република Македонија, Н.Е г-ѓа Олфат Абдел Фатах Ахмед Фарах.
На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот и од нејзиниот ангажман во унапредување на билатералните односи меѓу двете земји. Македонскиот претседател, воедно изрази надеж дека и нејзиниот наследник посветено ќе продолжи да работи на развојот на меѓусебните односи и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес.
Во функција на натамошно зацврстување на билатералните односи, македонскиот претседател ја нагласи важноста од официјално признавање на нашето уставно име од страна на Владата на Египет.
Заедничка констатација на средбата беше дека соработката меѓу двете земји во иднина треба да биде насочена кон јакнење на економијата и зголемување на трговската размена, соработката во културата, образованието, при што претседателот Иванов ја нагласи потребата од зајакнување на правната рамка со цел унапредување на севкупната соработка.
Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелните состојби во Египет и во регионот. Притоа, претседателот Иванов изрази очекување дека соработката на мултилатерален план меѓу двете земји ќе продолжи да се унапредува.
|