Честитка до Неговата Светост, Папата Франциск, по повод неговиот избор за понтиф на Римокатоличката црква
Петок, 15 Март 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод изборот за понтиф на Римокатоличката црква, упати честитка до Неговата Светост, Папата Франциск.

Ваша Светост,

По повод Вашиот избор за понтиф на Римокатоличката црква, ми претставува чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое име, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за добро здравје, лична среќа и успешно вршење на Вашата благородна мисија.

Искрено се надевам дека Вашиот високо ценет ангажман, Вашата посветеност кон христијанските вредности и принципи, ќе овозможат да се соочите со бројните предизвици на денешницата. Воедно, верувам дека Вашиот углед и авторитет ќе помогнат во одбраната на универзалните вредности за кои се залагаме, а кои настојуваме да ги споделуваме во духот на дијалогот, толеранцијата и меѓусебната почит. На тој план, во мене и во Република Македонија, ќе имате партнер и пријател.

Ја користам оваа свечена пригода да го изразам и моето длабоко уверување дека во периодот што следи, пријателството и соработката меѓу Република Македонија и Светиот Престол уште повеќе ќе се зацврстуваат и продлабочуваат, за што Ви ја искажувам својата целосна подготвеност.

Повторувајќи ги моите честитки до Вас и до сите верници на Католичката црква, посакувајќи Ви долг и благословен понтификат, Ви ги упатувам Ваша Светост, изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад