Недозволиво е насилство кон и во демократските институции и уставниот поредок
Вторник, 25 Декември 2012   

Со голема загриженост ги следев вчерашните случувања во и пред Собранието на Република Македонија. Жалам за немилите сцени и искрено се надевам дека тоа што вчера го видовме нема никогаш да се повтори.

Вчера се случи она на што предупредив во моето годишно обраќање. Очигледно моите апели не беа послушани. Уште еднаш ќе повторам: Не може целото општество, да биде заложник на неодговорно однесување. Кога станува збор за интересите на граѓаните и за непреченото функционирање на државата, тогаш нема простор за парцијални интереси.

Во демократијата може да постојат политички пријатели и политички непријатели, но политичките актери не смеат да се гледаат низ призмата на душмани. Граѓаните очекуваат решенија, а не проблеми. Но, решенијата мора да се наоѓаат во институциите на државата од страна на оние избрани за тоа.

Недозволиво е во третата деценија од нашата независност да сведочиме за насилство насочено кон и во демократските институции и уставниот поредок.

Особено жалам за немилите сцени со претставниците на медиумите. Секој во оваа држава има должност да го почитува поредокот, уставот и законите и никој во оваа држава не смее да биде попречуван да си ги врши професионалните обврски, било да се тоа претставници на медиумите, народни избраници, овластени службени лица.

Сум кажал и пак ќе повторам. Ако некој мисли дека со злоупотреби и манипулации може да ги подели и раскара граѓаните, очигледно не знае за каков мудар и умерен народ станува збор.

Нè очекува многу работа и на домашен план и на планот на евроатлантската интеграција. Граѓаните очекуваат поголема благосостојба и просперитет. Сите политички субјекти треба да служат за остварување на тие интереси на граѓаните.


  Back<<Назад