|
20 години дипломатски односи Македонија-Турција: Средба со турскиот министер за надворешни работи Давутоглу
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера вечер оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Ахмет Давутоглу.
Во годината кога се одбележува 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи, заедничка оценка е дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични, дека истите во повеќе области достигнуваат степен на стратешко партнерство и дека соработката во одредени сфери, особено во економската има постојана позитивна динамика. На средбата беше поздравен континуираниот политички дијалог на сите нивоа, како потврда на пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Турција.
Претседателот Иванов се заблагодари за континуираната и принципиелна поддршка од Република Турција за македонските евроатлански интеграции и изрази очекување дека истата ќе продолжи во иднина.
Со оглед на фактот дека Република Турција е меѓу десетте најзначајни трговски партери на Република Македонија, двајцата соговорници изразија задоволство од нагорниот тренд во економската соработка и очекувања за зголемување на турските инвестиции во земјава.
На средбата беа разменети мислења за заклучоците на неодамнешниот Европски совет, како и за актуелните состојби во регионот на ЈИЕ, но и за состојбите во поширокиот регион, Блискиот Исток и Медитеранот. Двајцата соговорници го реафирмираа интересот и подготвеноста за натамошно јакнење на соработката во сите сфери од заемен интерес и за меѓусебна поддршка на регионален и мултилатерален план.
Воедно, турскиот министер за надворешни работи, беше запознаен со приоритетите на претседавањето на Република Македонија со двете регионални иницијативи - ПСЈИЕ и Дијалогот меѓу цивилизациите.
|