САД се и ќе бидат партнер на Република Македонија - телефонски разговор со Државниот секретар на САД, Хилари Клинтон
Сабота, 03 Ноември 2012   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, доцна синоќа оствари телефонски разговор со Државниот секретар на САД, г-ѓа Хилари Клинтон, на нејзино барање.

Државниот секретар на САД изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу САД и Република Македонија. Партнерството со Република Македонија за нас е многу значајно и благодарни сме за придонесот кој го давате во ИСАФ, истакна Државниот секретар Клинтон.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за состојбите во регионот на ЈИЕ. Претседателот Иванов нагласи дека само брзата евроатлантска интеграција на сите земји од регионот може да донесе трајна стабилност, безбедност и просперитет. Вашата поддршка во насока на исчекор во деблокадата на ЕУ интеграцијата е од исклучително значење, и високо ја почитуваме вашата порака од Чикаго, истакна македонскиот претседател при тоа нагласувајќи од какво значење за Република Македонија, но и за целиот регион претставува деблокадата на евроатлантската интеграција. Државниот секретар Клинтон нагласи дека САД е и ќе бидат партнер на Република Македонија, дека како и досега ќе ги помагаат стратешките цели на Република Македонија. Сите сакаат да ве видат во НАТО што поскоро и искрено се надевам дека ќе биде отстранета единствената пречка и дека ќе се изнајде достоинствено и практично решение за проблемот за името. Подготвени сме да помогнеме, рече Државниот секретар на САД.

Претседателот Иванов истакна дека изнаоѓање на заемно прифатливо решение би било од заемна корист и добро за двете соседни земји. Република Македонија активно и конструктивно учествува во процесот кој се води во ОН, и ние сме подготвени за заемно прифатливо решение во кое нема да има победници и поразени, истакна македонскиот претседател.

  Back<<Назад