Поддршка за целосна интеграција на Македонија - Новите амбасадори на Чешка и Словенија ги предадоа акредитивите
Среда, 19 Септември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Чешката Република, Н.Е. г. Мирослав Рамеш и на новоименуваниот амбасадор на Република Словенија, Н.Е. г. Бранко Ранковец. Во поздравните говори на предавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов им посака добредојде и успех во вршењето на амбасадорската должност.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Чешката Република, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на односите меѓу двете земји и нивната позитивна динамика, посочувајќи дека постојат потенцијали на двете страни за унапредување на економската соработка. Потенцирајќи го одличното ниво на политичките односи и честите меѓусебни контакти, македонскиот претседател изрази очекување дека на претстојниот состанок на Европскиот совет, Чешката Република ќе се заложи за донесување на одлука за почеток на пристапни преговори со Република Македонија.

„Во Вас препознаваме вистински пријател кој очекуваме да помогне во соодветното вреднување на нашиот напредок и придонес кон заедничките европски и евро-атлантски вредности. Искрено ви благодариме за принципиелната и отворена поддршка во реализацијата на нашите стратешки цели, членство во НАТО и Европската унија. Таквата поддршка за нас е инспирација да продолжиме по патот кој сме го зацртале и покрај блокадите со кои се соочуваме,” истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Амбасадорот Рамеш, ја потврди поддршката од Чешката Република за целосна интеграција на Република Македонија во евро-атлатските структури и подготвеноста за споделување на искуствата на овој план и се заложи за личен ангажман во зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.
 
„Лична цел ми е да постигнеме значителен развој на чешко-македонската трговската размена, да поттикнам нови контакти и проекти во сферата на културата, науката и други области, како и да придонесам за соработката меѓу нашите воени и безбедносни сили,” истакна амбасадорот Рамеш.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Словенија, беше констатирано задоволство од постигнатото ниво на односите и соработката меѓу двете земји  и изразен интерес за зголемување на трговската размена и поголема инвестициона активност на словенечките компании во Република Македонија.

Амбасадорот Бранко Ранковец изрази силно убедување дека членството во евроатланските интеграции и регионалната соработка се од клучно значење за севкупниот развој на земјите од регионот и единствен начин за надминување на проблемите од минатото.

„Посакуваме политичките патишта на Словенија и Македонија, по разделбата од заедничката држава, повторно да се зближат, овој пат преку заедничкото членство во ЕУ и НАТО. Цврсто веруваме дека Македонија е способна за дијалог и прифаќање на нужни компромиси кои ќе и го отворат евро-атланскиот пат, а со тоа истовремено нема да го загрози својот идентитет и фундаменталните интереси. При тоа, Македонија секогаш ќе ја има словенечката поддршка”, потенцираше во говорот амбасадорот Ранковец.

Претседателот Иванов се заблагодари за силната и континуирана поддршка од Република Словенија за поскорешно приклучување на Република Македонија кон НАТО и Европската унија и го повтори очекувањето за примена на словенечко-хрватскиот модел, односно паралелно водење на преговорите за членство во Европската унија и паралелно решавање на спорот со името.

  Back<<Назад