| Грција да покаже волја за надминување на спорот со името - Средба со заменик-помошникот државен секретар на САД, Рикер | |
|
|
На средбата беа потврдени партнерските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес. Главна тема на средбата беше актуелната состојба за разговорите со Република Грција за надминување на наметнатиот спор за името, во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго. Претседателот Иванов го информираше Рикер за исходот од средбите што специјалниот пратеник Метју Нимиц ги свика во Њујорк. Како загрижувачки развој на настаните, претседателот Иванов го посочи недостатокот на волја кај грчкото раководство сериозно да се ангажира за надминување на ова прашање. Претседателот Иванов истакна дека објективните политички и економски проблеми со кои се соочува Република Грција не треба да се оправдување за грчкиот политички врв да одбегнува иницијативи за изнаоѓање на заемно прифатливо решение и изрази незадоволство од одлуката на грчките власти да ја прекинат практиката на директни средби на високо ниво меѓу двете држави. Претседателот Иванов ја повтори подготвеноста на Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно да учествува во процесот кој се води во ОН, и искажа очекување дека нашиот сосед ќе покаже одговорен однос, дека ќе покаже конструктивност и во целост ќе ја почитува Времената спогодба и пресудата од Хаг. Заменик-помошникот, државен секретар на Соединетите Американски Држави се заблагодари за можноста да се разменат мислења и информации во однос на напорите за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за прашањето за името и за очекувањата од Самитот на НАТО во Чикаго. На средбата беше повторен официјалниот став на САД кој останува непроменет. Вашингтон силно ја поддржува евроатлантската интеграција на Република Македонија, дека ги исполнува условите за членство, дека двете страни се охрабруваат да дојдат до заемно прифатливо решение со што ќе се деблокира интеграцијата во Алијансата. Рикер нагласи дека македонската реакција на пресудата беше за поздравување и придонесе кон создавање на подобра атмосфера за надминување на спорот. Беше констатирано дека двете земји ќе продолжат тесно да соработуваат во насока на реализација на крајната цел, полноправно членство во Алијансата, и во тој контекст го поздрави долгогодишниот ангажман и високиот професионализам на македонските мировници во меѓународните мисии.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик-помошникот, државен секретар на САД, Филип Рикер.










