|
Координација на државниот врв пред претстојните разговори со Нимиц - конструктивност се очекува и од другата страна
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на претстојната рунда разговори со амбасадорот Метју Нимиц, денеска свика координација на државниот врв за текот на разговорите што се водат под покровителство на ОН. На координативниот состанок присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, заменик-претседателот на Владата на Република Македонија, Муса Џафери и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски. Република Македонија и натаму целосно и посветено ќе ја почитува рамката во која се водат разговорите со Република Грција за разликата околу името под покровителство на ОН. Наш интерес е што побрзо наоѓање на заемно прифатливо решение со кое би се деблокирале нашите евроатлантски интеграции. Република Македонија, како и досега, активно и конструктивно ќе учествува во процесот и како страна која со сериозен пристап учествува во разговорите очекува и се надева на иста активност, сериозност и конструктивност од другата страна. Државниот врв на Република Македонија изрази надеж дека почитувањето и ефективната примена на Времената спогодба ќе придонесе за создавање попозитивна клима за изнаоѓање на решение во процесот што се води под покровителство на ОН. Република Македонија очекува од Република Грција да го поддржува нашето интегрирање во меѓународните организации и евроатлантската интеграција на Република Македонија, во согласност со Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата кои се витален дел од македонскиот пристап за решавање на ова прашање во согласност со меѓународното право. Државниот врв на Република Македонија, во духот на разбирањето и меѓусебното почитување, повторно повика на конструктивност пред претстојната рунда разговори и подава рака на пријателство и добрососедство кон Република Грција. Државниот врв, поаѓајќи од скорешните настани од грчка страна, стравува од стагнирање на суштински разговори. Сепак, уште еднаш изразува подготвеност и отвореност за сериозно динамизирање на разговорите со цел изнаоѓање на заемно прифатливо решение.
|