Претседателот Иванов ги прогласи победниците на 25-тиот Охридски пливачки маратон
Понеделник, 15 Август 2011   

altПретседателот на Република Македонија, кој традиционално е покровител на Охридскиот пливачки маратон, со ловорови венци ги пречека на целта победниците на 25-тиот меѓународен натпревар во маратонско пливање. И оваа година, десетти пат по ред победник е Петар Стојчев од Бугарија, која патеката „Климе Савин“ - од Свети Наум до Охрид, во должина од 30 километри, ја исплива за 5 часа, 35 минути и 13 секунди. 

Овогодинешниот пливачки маратон претставува историски подвиг и за македонските маратонци Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев, кои ги освоија второто и третото место, што е најголем успех на македонските пливачи во две и пол-децениската историја на обновениот Охридски пливачки маратон. Поп-Ацев со освоеното трето место во Охрид ја обезбеди и третата позиција на Светската ранг-листа на ФИНА.

Победник во женска конкуренција е Карла Ситиќ од Хрватска на која и беа потребни 5 часа,  52 минути и 55 секунди за да го преплива Охридското Езеро. Зад неа како втора целта ја мина Шпанката Естер Нуњез Морера, додека третопласирана е Аргентинката Гељо Пиљар. alt

„Секоја година како покровител на Охридскиот маратон ја имам честа и задоволството да ги поздравам пливачите и гостите на една од најпрестижните спортски, но и туристички манифестации во Република Македонија. Пливањето на Охридскиот маратон не е само борба со времето и водата тоа е и борба со себеси и со своите можности и граници. Навистина е фасцинантно што во ова, навидум вечно мирно езеро, се одвива драматична спортска борба,“ рече Претседателот Иванов, нагласувајќи дека оваа манифестација прераснува во бренд кој се спомнува во целиот свет и по кој Македонија ја препознаваат во светските спортски кругови.

Тој им честита на организаторите на манифестацијата, и секако на маратонците, и на победниците и на оние кои годинава не се закитија со трофеите.

„Сакам да знаете дека овде нема поразени, сите кои учествуваат на оваа манифестација и стигнуваат на целта се победници. На тие што се првпат на Охридскиот маратон им посакувам да продолжат да доаѓаат и во иднина. Бидете уверени дека вратите на Охрид и Македонија секогаш ви се ширум отворени,“ рече Претседателот Иванов.

Организатор на трката со награден фонд од 25 илјади долари, инаку последна во Гран-при серијата на Меѓународната пливачка федерација за оваа сезона, беше Пливачката федерација на Македонија, а технички организатор Клубот за спортови на вода „Охридски бранови“ од Охрид.

 

  Back<<Назад