Гласање на првиот круг на претседателските избори 2019
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на првиот круг на претседателските избори 2019 година гласаше во изборното место во средното училиште „Јосип Броз Тито" во Скопје.
„Очекувам денес денот да помине во најдобар ред, како што и доликува на земја која е веќе три децении во демократија. Изминатите денови граѓаните имаа можност да го слушнат сето она што го нудат кандидатите и денес да ја донесат својата одлука. Она што ќе биде одлука на следниот круг на претседателските избори, тоа ќе биде волјата на народот и нивна одлука ќе биде кој да ја претставува државата во следните пет години. Така што, им посакувам се најдобро на кандидатите и на победникот му посакувам многу помирен и поуспешен мандат", рече претседателот Иванов.
Прашан за очекувањата од неговиот наследник и каква порака ќе му прати, претседателот Иванов рече: „Ние веќе имаме континуитет како држава да ги оствариме нашите стратешки цели. Република Македонија заслужува да и припадне она за кое се изборила, но кое ни е ускратено досега. Очекувам многу помирен мандат, да нема толку кризи, затоа што во изминатиот период се соочувавме со многу политички кризи и предизвици, како во земјата, така и во регионот. Очекувам во наредниот период сето она што го имаат ветено на граѓаните да го исполнат и да ги оствариме нашите стратешки цели."
|