Во Ерусалим Претседателот Иванов оствари билатерална средба со израелскиот Претседател Шимон Перес
Вторник, 21 Јуни 2011   

altПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов попладнево во Ерусалим се сретна со израелскиот претседател и домаќин на меѓународната конференција „Соочување со утрешнината“, Шимон Перес.

Двајцата претседатели искажаа задоволство од односите и дијалогот меѓу Македонија и Израел на сите нивоа. Иванов го запознал својот израелски колега Перес со случувањата во Македонија и на Балканот, како и за напредокот на земјата во исполнувањето на македонските стратешки определби за интеграција во ЕУ и НАТО. Го информира и за отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје упатувајќи покана да ја посети Македонија. Претседателот Перес изрази задоволство од поканата и надеж дека во блиска иднина ќе дојде во Македонија. Тој го информирал македонскиот претседател за состојбата во Израел и на Блискиот Исток.

На средбата стана збор и за новите технологии и истражувања што ги спроведуваат израелските научници, како и за соработката меѓу Македонија и Израел на тоа поле. Иванов и Перес разменија мислења и за дел од темите за кои ќе се дебатира на конференцијата во Ерусалим, како што се промените во светот поврзани со новите технологии – интернетот и социјалните мрежи.

Шефот на македонската држава вечер ќе учествува на официјалното отворање на конференцијата „Соочување со утрешнината“. Претседателот Иванов ќе се обрати на утрешната лидерска пленарна сесија на која ќе се разговара за глобалната економска криза, решавањето на регионалните конфликти, за социјалниот напредок, за климатските промени и за одговорноста на политичарите при донесувањето клучни одлуки.

Конференцијата што по трет пат се одржува во Ерусалим под покровителство на Перес, и годинава ќе собере на едно место преку 200 светски лидери, претставници на меѓународни организации, бизнисмени, научници и експерти. Меѓу учесниците на собирот се и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот британски премиер Тони Блер, поранешниот претседател на Украина Леонид Кучма, а во функција на амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ и колумбиската поп ѕвезда Шакира.

Денеска и утре на повеќе панели на конференцијата ќе се дебатира за случувањата и перспективата на Блискиот Исток, борбата против тероризмот и ширењето оружја за масовно уништување, за медицинсите иновации и моралните дилеми поврзани со нив, за пристапот до нови извори на енергија, за односите меѓу политиката и религијата, за иднината на човештвото, за истражувањата на вселената.
 

  Back<<Назад