Претседателот Иванов потпиша иницијатива за поддршка на кампањата „Можам и сакам да подарам живот“
Петок, 17 Јуни 2011   

altПретседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска потпиша иницијатива иницирана од Националната фондација за трансплантација во рамки на кампањата „Можам и сакам да подарам живот“, насочена кон подигнување на јавната свест за важноста на донирањето органи, ткива и клетки за трансплантација.

„Човечкиот живот е бесценет и треба да се стори сè што е во наша можност, и институционално и индивидуално, да се вклучиме во активностите со кои се овозможува унапредување на условите за соодветна здравствена заштита. Станува збор за животот, за хуманоста во нас, за уште една шанса за нормален живот на оние чие здравје е доведено до крајно критична фаза. Неопходно е сите да придонесеме за зголемување на интересот за поддржување на донаторството на органи,“ рече Претседателот Иванов.

Преку воведување законска рамка според светските стандарди со која се регулира земањето и пресадувањето делови од човечкото тело заради лекување, што практично значи и заживување на кадаверичната трансплантација, посочи Претседателот Иванов, се прави значаен исчекор во зголемувањето на квалитетот на здравствените услуги за граѓаните на Македонија.

„Благодарение на законските измени, но и на постојаното усовршување на медицинските експерти, како и набавката на медицинска опрема, се отвора можност македонските граѓани да добиваат услуги поврзани со транплантација во својата матична земја,“ рече Претседателот.

Тој изрази благодарност до членовите на Националната фондација за трансплантација за нивната заложба и активност во изработката и донесувањето на Законот за трансплантација. „Благодарение на нивната неуморна работа, Македонија денес е акредитиран регионален центар за трансплантација на црн дроб поддржан од Светската асоцијација за детска трансплантација,“ додаде Иванов.

Претседателот на Националната фондација за трансплантација, Владимир Чадиковски рече дека му претставува задоволство што може денешниот ден да се официјализира како почеток на новиот Закон за кадаверична трансплантација во Македонија.

„Основната цел и мисија на Фондацијата е подигање на јавната свест за значењето од донирање органи. Тоа претставува најхуман чин во животот. Целта на кампањата е да се соберат што повеќе потписи за полесно имплементирање на новиот закон за трансплантација во Македонија. Заедно со Министерот за здравство и тим експерти веќе изработивме 16 правилници кои начелно ќе ги покажат основните правила како треба да се извршува трансплантацијата на ткива и органи,“ истакна доктор Чадиковски.
 

  Back<<Назад