| Личниот придонес за нов дух во односите, позитивен сигнал и до двете општества – Средба со бугарскиот Претседател Прванов во Софија | |
|
|
Во исклучително пријателска и конструктивна атмосфера, денеска на средбата помеѓу Претседателот д-р Ѓорге Иванов и неговиот бугарски колега Георги Прванов, беа разменети информации и мислења на повеќе теми. Претседателот на Република Бугарија Прванов го оцени позитивно досегашниот развој на односите со Република Макеоднија, посочувајќи дека Бугарија е подготвена за натамошно продлабочување на соработката и ја поддржува македонската евро-атлантската интеграција. На интерес на Парванов, Претседателот Иванов го информираше својот колега за актуелностите во процесот на надминување на разликата за името со јужниот сосед. Претседателот Прванов нагласи дека Бугарија посакува билатералното прашање помеѓу Македонија и Грција да биде што поскоро затворено на заемно прифатлив начин, што ќе овозможи Република Македонија конечно да го заземе своето место во Алијансата. Претседателот Иванов нагласи дека високо го цени фактот што Република Бугарија беше првата земја која ја призна Македонија под уставното име, за што Македонија на соодветен начин оддаде признание со одликување на поранешниот претседател на Бугарија, Жељу Жељев. Тој воедно го изрази своето задоволство што сега, во пресрет на 20-годишницата од независноста на РМ, двете земји имаат изградено стабилни односи на добрососедство, пријателство, заемна поддршка и разбирање.
Поддршката од сосед и пријател во напорите за следната фаза од ЕУ интеграцијата – одредување датум за почеток на пристапните преговори – е она кое Република Македонија и нејзините граѓани го очекуваат од Бугарија, истакна Претседателот Иванов. Тој, исто така, нагласи дека претстојни избори во Република Македонија се уште една можност за потврдување на демократската зрелост и потенцијал на земјата, со што ќе се потврди и приврзаноста кон евро-атланстките вредности и придобивки. Претседателот Иванов го информираше бугарскиот колега Прванов и за економските состојби во Македонија. Заемен заклучок беше дека реална и блиска европска интеграција, инфраструктурно поврзување и обезбедување енергетска стабилност, се клучните приоритети за сите земји од регионот, со чие навремено исполнување истиот ќе добие нов лик и поголема перспектива. Двајцата претседатели ја искажаа својата подготвеност за натамошна тесна и конструктивна соработка, бидејќи личните контакти и примери на замено почитување, разбирање и соработка од највисоко ниво, генерираат позитивен импулс до двете општества, но упатуваат и порака до европските лидери за новата реалност на нашиот регион. Како завршница на средбата беше договорено следната средба меѓу Иванов и Прванов да се реализира во Република Македонија, по што двајцата претседатели имаа заедничка прошетка низ центарот на Софија.
|













