Претседателот Иванов во Варшава бара решителност и лидерство од Европските партнери - Средба со Германскиот претседател Кристијан Вулф
Петок, 27 Мај 2011   

altВо рамките на 17-тиот состанок на претседателите од Централна Европа кој денеска се одржува во Варшава, Претседателот д-р Ѓорге Иванов оствари билатерална средба со германскиот сојузен претседател, Кристијан Вулф.

„Градењето односи на пријателство и соработка со Сојузна Република Германија е меѓу највисоките приоритети на Република Македонија во надворешната политика,“ истакна Претседателот Иванов, додавајќи дека поддршката од Германија за нашите стратешки цели – членство во ЕУ и НАТО – е од исклучително значење.

Запознавајќи го својот германски колега со позициите, конструктивноста, напорите и интересот на Република Македонија за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот за името со Грција и деблокада на интеграциите, Претседателот Иванов побара поддршка за Македонија на претстојниот Европски Совет за отпочнување на преговарачкиот процес за пристапување кон ЕУ. Во тој конткест македонскиот претседател потенцира дека одредувањето на датум за старт на преговорите е значајно за Република Македонија и реформските процеси, но исто така, особено значајно за регионот, но и за кредибилитетот на проширувањето, нагласувајќи дека со таков исход ќе добие и Европа.

Германскиот претседател Кристијан Вулф изрази висока почит за реформите и достигнувањата на Република Македонија и, како што нагласи, претстојните избори се уште една можност за потврдување на демократскиот капацитет на земјата.

„Европската унија треба да ги продолжи своите напори за интеграција на Република Македонија и Западен Балкан. Тоа е прашање на праведност и прашање на кредибилитет на земјите членки,“ altрече Претседателот Вулф дополнувајќи дека Германија посакува Македонија и Грција час поскоро да дојдат до заемно прифатливо решение за проблемот. Во интерес на Сојузна Република Германија и на Европската Унија е целосна стабилност и просперитет на Балканот, во што Република Македонија има исклучителна улога, истакна Вулф.

Претседателот Иванов ја реафирмираше отворената покана за возвратна официјална посета на Претседателот на Сојузна Република Германија на Република Македонија, исто така доби покана повторно да ја посети Германија.

Во рамки на својот престој во Варшава на Состанокот на претседателите од Централна Европа, Претседателот Иванов се очекува попладнево да оствари билатерална средба и со Претседателот на Словачка, Иван Гашпарович.

Вечерва сите присутни европски претседатели ќе остварат заедничка вечера со Претседателот на САД, Барак Обама, при што утврдените теми на разговор ќе се фокусираат на искуствата на централно-европските земји во процесите на демократизација, развојот и стабилноста во Европа, како и импликациите од револуциите на Средниот Исток и Северна Африка и поддршката која САД и Европа ја насочуваат во демократската транзиција на земјите од овие региони.
 

  Back<<Назад