Претседателот Иванов приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан
Среда, 21 Јуни 2017   

iftar_vodno_11Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов вечерва приреди ифтарска вечера по повод светиот муслимански месец Рамазан.

Македонскиот претседател обраќајќи се пред присутните гости – поглаварот на Исламската верска заедница, Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи, муфтии, претставници на јавниот и на политичкиот живот, како и претставници на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор, истакна дека во Република Македонија отсекогаш се почитувале и се споделувале  верските традиции и обичаи.

„Рамазан е посебен период не само за муслиманите туку и за сите останати припадници на другите религии кои живеат во нашата Република Македонија. Отсекогаш на овие простори се почитувале и се споделувале верските традиции и обичаи. Ние не живееме едни покрај други, туку едни со други постојано соочувајќи се со различните верски идентитети и прифаќајќи ги како такви", рече во обраќањето македонскиот претседател.

Претседателот Иванов порача дека во време на постојани предизвици, закани, на геостратешки промени и процеси нашата традиција на соживот не смееме да ја заборавиме. „Тоа е традиција на почитување и прифаќање на различноста. Оваа традиција е наша сегашност и иднина", истакна македонскиот претседател,

Честитајќи го светиот муслимански месец, претседателот Иванов посочи дека Рамазан е месец посветен на благородни дела, на мисла ослободена од себе и нашите потреби и насочена на нашите соседи, роднини и пријатели.

„Во овие мигови на празнување посакувам кај сите верници од исламската вероисповед да преовладува чувството на мир, љубов, и меѓусебно разбирање. Да преовладуваат вредностите кои ги зближуваат и поврзуваат, а не ги разделуваат и отуѓуваат луѓето и народите", порача македонскиот претседател на ифтарската вечера,  посакувајќи преостанатите рамазански денови да им бидат исполнети со среќа, бериќет и радост.

Поглаварот на Исламската верска заедница, Реис–ул–улема Хаџи Сулејман ефенди Реџепи му се заблагодари на претседателот Иванов за приредената ифтарска вечера поздравувајќи го овој потег на Претседателот како чин кој придонесува кон зголемување на меѓусебната почит, толеранција и разбирање помеѓу граѓаните на Република Македонија.

iftar_vodno_10

  Back<<Назад