|
Иванов-Вујановиќ: Евроинтеграциите се клучни за напредок на регионот
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оставри средба со претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ. Претседателот Иванов престојува во работна посета на Република Словенија, по повод учеството на Состанокот на лидерите од Брдо-Бриони Процесот, што се одржува во Брдо кај Крањ.
Во рамки на учеството на состанокот на лидерите на „Брдо- Бриони процесот" што се одржува во Љубљана, двајцата претседатели разменија мислење за актуелните случувања во Македонија и Црна Гора, како и за случувањата во регионот.
На средбата беа потврдени традиционално блиските и одлични политички односи меѓу двете земји и беше изразен интерес за продлабочување на билатералната соработка.
Претседателот Иванов упати честитки за успехот на Црна гора со членството во НАТО, како и во поглед на интегративните процеси во ЕУ.
„ Успесите на Црна Гора позитивно треба да влијаат на стабилноста во регионот и треба да бидат инспирација за останатите аспиранти за членство во НАТО и ЕУ, истaкна претседателот Иванов. Во таа насока, македонскиот претседател посочи дека една од причините за појавата на ретроградни процеси во регионот е недоволниот ангажман на ЕУ и ја истакна потребата од деблокада на македонските евроинтеграции. Претседателот Иванов и претседателот Вујановиќ се согласија дека интегрирањето на Балканот во ЕУ и НАТО е клучно за напредокот на регионот, за мирот и стабилноста.
„Република Македонија предолго чека и треба да си го заземе члеснтвото во НАТО и да го продолжи интегративниот пат кон ЕУ", исткана претседателот Вујановиќ на средбата., нагласувајќи дека одличната соработка во поглед на евроатлатските интеграции ќе продолжи и во иднина.
Во однос на мигрантската криза и безбедносните предизвици со кои се соочува регионот и Европа, двајцата претседатели се согласија дека е неопходно проширување на соработката меѓу безбедносните и разузнавачките служби .
|