Конференција за искористување на геотермалната енергија во Република Македонија
Четврток, 31 Март 2011   


Под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во Кочани се одржа конференција за геотермалните води „Геотермалната енергија во Република Македонија - кочанска депресија“ на која со свои научни трудови учествуваат професори - научни работници од Универзитетот „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“. Претседателот Иванов обраќајќи им се на присутните истакна дека Република Македонија се наоѓа во еден од 19-те геотермални региони на планетата, среќна околност што ја немаат многу држави.
- Во Македонија досега се евидентирани над 25 природни извори на геотермални води со температура поголема од 21 степен Целзиусов. Од нив познати се 18 локалитети со термални бањи чии води рационално се користат во повеќе намени. Геотермалниот потенцијал на Република Македонија се повеќе го подгрева интересот за негово искористување во производство на електрична енергија. Засега на ниво на цела планета искористени се само пет проценти од геотермалниот потенцијал или 10.700 мегават-часови од можни 67.000 гигават-часови. Според Стратегијата за искористување на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година, од геотермалните води,  треба да се произведуваат од 400 до 440 гигават-часови електрична енергија, рече претседателот Иванов.

Претседателот Иванов, зборувајќи за потенцијалите на геотремалната енергија рече дека ги охрабрува стопанствениците и градоначалниците да бидат инвентивни, да инвестираат и да бидат првите кои ќе го освојат овој пазарен простор кој го нуди алтернативниот туризам. 
На конференцијата беше промовирано делото „Геотермалната енергија во Македонија - кочанска депресија“ во кое се застапени научните трудови на проф. д-р Тодор Делипетров, проф. д-р Славе Арменски, проф. д-р Ристо Фотев, проф. д-р Билјана Ангелова и проф. д-р Зоран Панов. На презентацијата „Геотермалната енергија во Македонија - кочанска депресија“ присутвуваа  стопанственици во Македонија и инвеститори од странство, како и амбасадорите на Полска, Австрија, БиХ, од Словенечката амбасада во Скопје и Светска банка.

  Back<<Назад