И покрај предизвиците, проширувањето на ЕУ мора да продолжи - средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск
Вторник, 20 Септември 2016   

TuskПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во Њујорк оствари средба со претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск.

На средбата претседателот Иванов и г. Туск разговараа за состојбата со евроинтеграцијата на Република Македонија, како и за предизвиците коишто произлегуваат од мигрантската и бегалска криза, особено безбедносниот аспект.

Македонскиот претседател нагласи дека Република Македонија ќе го продолжи реформскиот процес, со цел достигнување на европските стандарди и критериуми и ќе продолжи да придонесува за регионалната соработка, во одржувањето на стабилноста и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа.

‎Република Македонија, истакна претседателот Иванов, бара еднаков и правичен однос од европското лидерство и од сите земји-членки на Европската унија и очекува да се примени позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на отворените билатерални прашања.

„И покрај предизвиците со кои се соочува унијата, како и самиот процес на проширување, на Република Македонија како и на целиот регион на Југоисточна Европа им е потребна забрзана интеграција во Европската унија, затоа што тоа е најдобриот начин за целосно консолидирање на регионот, со што пак, ќе се консолидира и Европската унија", истакна претседателот Иванов.

Во контекст на предизвиците поврзани со мигрантската и бегалската криза, претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија се залага за сеопшто европско решение, што ќе опфаќа заеднички критериуми за справување со мигрантската криза. Во таа насока, соговорниците констатираа дека е потребна итна координирана и синхронизирана акција на сите засегнати држави.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија ги презема сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедност, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците.

  Back<<Назад