Средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Словачката Република, Н.Е Мартин Безак
Петок, 15 Јули 2016   

bezakПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во вила „Билјана" во Охрид, го прими амбасадорот на Словачката Република во Република Македонија, Н.Е. д-р Мартин Безак.

На средбата претседателот на Република Македонија беше информиран за приоритетите и предизвиците на Словачката Република како актуелен претседавач со Советот на Европската Унија, и за можностите и перспективите на Република Македонија во однос на евроинтегративниот процес во наредниот период.

Амбасадорот Безак истакна дека Словачката Република ќе настојува максимално да ги реализира приоритетите на нивното претседателство и дека во однос на земјите од Западен Балкан, ќе се залага за продолжување на политиката на проширување и обезбедување на одржлива миграциона и азилна политика.

Претседателот Иванов, нагласувајќи дека претседавањето се случува во период кој никогаш не бил покомплексен и со повеќе предизвици како за ЕУ, така и за Европа во целина, посака успех и истакна дека Република Македонија како и досега ќе биде конструктивен партнер на Европската Унија и на словачкото претседавање во соочувањето со предизвиците.

Македонскиот претседател изрази очекување дека Словачката Република како докажан пријател и партнер на Република Македонија, ќе вложи напори и засилена поддршка со цел да се постигне исчекор во македонските евроинтеграции, посочувајќи дека за Република Македонија од круцијално значење е да ги отпочне пристапните преговорите за членство во Европската Унија. Тоа ќе придонесе, истакна претседателот Иванов, за одржување на кредибилноста на политиката на проширување, но истовремено ќе претставува позитивен поттик за консолидирање и стабилизирање на внатрешната политичка состојба во Република Македонија и целосно фокусирање на сите општествени и политички чинители на реформските прашања.‎

„Интегративниот процес во ЕУ и НАТО што ужива национален консензус и поддршка е сила која освен што го обединува општеството, истовремено го придвижува кон реформските процеси и достигнувањето на стандардите. Статус - кво состојбата има обратен ефект", истакна на средбата претседателот Иванов.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации во однос на клучните предизвици со кои се соочува ЕУ, како што се безбедносните закани, бегалската криза и падот на довербата во Европската Унија.

  Back<<Назад