|
Претседателите на Република Македонија и на Република Бугарија, д-р Ѓорге Иванов и Росен Плевнелиев, на денешната средба во Софија изразија задоволство од напредокот во преговорите за Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји и искажаа очекување дека министрите за надворешни работи ќе успеат наскоро да го усогласат текстот на Договорот.
Средбата на Иванов и Плевнелиев, што се одржа доцна попладнево, е пред утрешното одржување на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој ќе биде во знакот на дваесетгодишнината од основањето.
Република Македонија, истакна македонскиот претседател Иванов на средбата, води добрососедска политика, но добрососедските односи мора да се базираат на рамноправност, меѓусебно почитување и разбирање.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија, актуелните состојби во регионот, особено во контекст на мигрантската и бегалска криза.
Во однос на билатералните односи, претседателот Иванов изрази задоволство од реализацијата на средбите на највисоко ниво, што несомнено дава силен поттик за развивање на билатералните односи на сите нивоа од заемен интерес.
Во врска со аспирациите на Република Македонија за членство во ЕУ и во НАТО, претседателот Иванов искажа очекување Бугарија да даде поконкретна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ и поддршка за членство во НАТО, кое Македонија одамна го заслужи.
Осврнувајќи се на предизвиците што актуелната мигрантска и бегалска криза ги носи со себе, Иванов и Плевнелиев оценија дека таа ги надминува националните граници и бара координиран ангажман при адресирањето на нејзините хуманитарни, безбедносни аспекти. Дневно менаџирање, соработка на безбедносните служби, стабилни влади се неопходни за соочување со мигрантската криза и со предизвиците од неа, констатираа двајцата претседатели.
Бугарскиот претседател се интересираше, исто така, и за актуелната политичка ситуација во Македонија. Двајцата претседатели, констатираа дека единствен излез од политичката криза е преку кредибилни избори, прифатени од сите.
Претседателот Иванов утре изутрина ќе има средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, по што ќе учествува на Самитот на ПСЈИЕ, што се одржува во рамки на бугарското претседателство со оваа регионална иницијатива.
Претседавањето со ПСЈИЕ од утре го презема Хрватска.
|