| Мора да се свртиме кон регионот и предизвиците да ги решаваме со менаџирање – учество на претседателот Иванов на „Самит 100“ во Сараево | |
|
|
Во однос на мигрантската криза, укажа на фактот дека милион бегалци поминаа низ нашата територија и оти ние сами како држава го решававме проблемот. - Додека Брисел размислуваше која акција да се преземе, ние донесовме одлука да прогласиме кризна состојба, да ја пратиме војската на границата и да регулираме проток. Кризата беше шанса да соработуваме со сите земји на Коридорот. Тоа беше позитивен пример како треба да се справиме со овие предизвици, истакна претседателот Иванов. - Македонија е школски пример за неуспешноста и на ЕУ и на НАТО. Македонија е школски пример како не треба да се однесува ниту НАТО ниту ЕУ кон земја кандидат. Станавме колекционери. Имаме 17 акциони планови за членство во НАТО, за во гинис, нема ниту една земја каде што повеќе е проверувана армијата од македонската армија, истакна претседателот Иванов, кој по оваа изјава беше поддржан со силен аплауз од колегите од регионот. Говорејќи за односот на Европската унија кон Македонија, рече дека досега имаме седум препораки за почеток на преговори, а нула промена. - Стоиме во место. Зошто, затоа што судбина ни било да имаме сосед со кој не може да излезе на крај ниту цела Европска унија, ниту целиот свет. Се вика Грција. А, сакаат ние со нив да излеземе на крај, да најдеме решение за нешто што е наш идентитет и наша посебност, да менуваме име, идентитет, јазик, топоними... Кој ќе каже дека Тга за југ не е македонски бренд, кој ќе каже дека музика од Македонија не е македонска музика, дека ајварот не е македонски продукт. Сакате сето тоа да ни го земете. Не го даваме. Ние го споделуваме и даваме да го користите како нешто што е придобивка на сите генерации пред нас и да го сочуваме за генерациите после нас, истакна претседателот Иванов во панел излагањето. - Не е точна тезата дека нерешавање на билатерални проблеми не создаваат економски односи. Најдобри односи имаме со Грција. Имаме преку 200 чисти грчки компании, а преку 400 мешани. Само македонските туристи секоја година во Грција оставаат една милијарда евра, во туризам и шопинг, а првите шест грчки компании имаат обрт преку една милијарда. Извонредни односи имаме со грчката бизнис заедница. Но, естаблишментот во таа држава останал во 20 век, кога зборува за страв од Македонија, рече претседателот Иванов. Воедно, македонскиот претседател истакна дека „Самит 100" е одлична можност за претседателите на државите од регионот да ги слушнат потребите и очекувањата од бизнис лидерите, претприемачи и стопанственици од цела Југоисточна Европа, бидејќи смета дека синергијата меѓу бизнис-заедниците и државите е особено неопходна денес. За таа цел тој ја истакна улогата на бизнис-соработката, како придонес кон успехот за целиот регион. Претседателот Иванов упати покана до присутните на Самитот наредната година да бидат во Македонија, бидејќи тогаш нашата држава ќе биде домаќин на Брдо-Бриони процесот.
|
Мора да се свртиме кон регионот, меѓу себе да комуницираме, да си помагаме. Мигрантската криза беше шанса за соработка со сите земји на Коридорот. Предизвиците не се решаваат со бирократија и дипломатија, туку со менаџирање, истакна претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на состанокот на регионалната бизнис иницијатива „Самит 100", што се одржа во Сараево.











