|
Средба со генерал Тибор Бенко, началник на Генералштабот на Унгарија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими началникот на Генералштабот на вооружените сили на Унгарија, генерал Тибор Бенко, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
На средбата беа разменети мислења и информации околу можностите за унапредување на меѓуармиската соработка и соработката во сферата на одбраната, како и за безбедносната состојба со осврт на предизвиците од мигрантската и бегалската криза.
Претседателот Иванов изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од страна на Република Унгарија во однос на македонските аспирации за членство во НАТО и задоволство од досегашната исклучителна соработка меѓу Република Македонија и Унгарија во справувањето со мигрантската и бегалска криза. Во тој контекст, македонскиот претседател го поздрави присуството на унгарските полициски сили кои помагаат во обезбедувањето на нашата јужна граница.
Генералот Тибор Бенко изрази задоволство од посетата на Република Македонија и очекување дека во иднина билатералната армиска и воена соработка меѓу двете земји ќе се продлабочи и интензивира.
|